речник контакт

Како се лекувале Македонците пред два века?

ЛЕКАРСТВАТА БИЛЕ БАЗИРАНИ НА БИЛКИ, РАКИЈА И ВИНО.Сите рецепти што биле запишани во ваквите лекарственици биле проверени многупати, затоа што се наследувале од луѓе кои претходно имале успех во лекувањето на одредена болест

Петар Печков

СИРУП ЗА ГЛАВА И МЕЛЕМ ЗА ЉУБОВ

Ракописен лекарственик од 33 листа со 88 рецепти, откриен во струмичкото село Пиперево, а напишан од учителот Ангел Георгиевич од Лазарополе, сега е дел од скапоцената збирка на стари ракописни и ретки книги на НУБ Св. Климент Охридски. Освен него, во Македонија до денес се зачувани неколку ракописни книги со рецепти, таканаречени лекарственици од 19-ти век, напишани на македонски народен јазик со совети за лечење на разни болести, но и повеќе рецепти за тоа како да се направат лековите.

Ако за секоја болест има лек, а секој лек се прави според посебен рецепт, тогаш нашиот народ пред двесте години боледувал од стотина болести. Имено, во старите ракописни книги со рецепти, лекови и болести, пронајдени во Македонија, забележани се приближно толку болести и исто толку формули за лекови кои се подготвувале од разни билки, корени, плодови, чаеви, алкохол, маст, афионски катран, темјан, шеќер, оцет, мед, син камен, сумпор, камфор, јајца, нишадор и слично.

Како се лекувале Македонците пред два века? Какви рецепти има во старите ракописни книги? Како се подготвувале лековите? Дали Македонците им верувале на своите „матични лекари“ ? Што „препишувале“ за „жена што не љубит мажа си“, а што за „ако не лубит мош жена или жена можа“; како се лекувал „некој ако има жед“, каков мевлем имало за ќелави, каков бил лекот за „све зло во серцето“, а каков оној за лекување на болниот „кому му е запрена душата во градите“. Стотици вакви и слични лекови, користени во 19-ти век, можат да се прочитаат во „тајните лекарски книги“, таканаречените лекарственици, кои биле основна литература на македонските лечители, како за дијагноза, така и за терапија, односно за подготвување на лековите.

ЛЕК ЗА ГЛАВА КОГА СЕ МЕНУВА УМОТ

Во истражувачка акција за откривање на ракописни и старопечатени книги, која била направена пред дваесетина години, беше откриен засега последниот познат лекарственик од 19-от век во Македонија. Станува збор за ракописна книга откриена во струмичкото село Пиперево, а напишан од учитилот Ангел Георгиевич од Лазарополе, која сега се чува во специјалната збирка на стари и ракописни книги во НУБ Св. Климент Охридски.

Сепак, најобемниот ракописен лекарственик во Македонија, наречен Зборник на народни лекови од 19-ти век, за жал, се уште се чува во Историскиот архив во Велес. Тој содржи вкупно 140 рецепти испишани на 149 листови на македонски народен јазик. Меѓу рецептите можат да се најдат податоци за подготвување лекови за разни болести, како маџун за болен и изнемоштен, потоа лек за понадвор, за бодеж, за срце, за очи, за сафра или жолтица, за краста; лек против уплав, за дерт кога има во срцето и слично. Исто така, тука се запишани и комплетните состави на лековите за болки во главата кога на „човек му се менува умот“. Во објаснение на овој рецепт стои дека „кога на човек му се менува умот, тогаш го боли главата“.

За ваквата главоболка тогаш имало лек и сите оние што ги болела главата кога им се менувал умот, можеле многу лесно да се ослободат од болката. Инаку, за секој случај, за овој лек биле потребни 25 драма спирт-ракија, пет драма синапово семе, дванаесет драма к'на, три драма анасон, еден драм нишадор, еден орев, три драма канела и од две јајца жолчката, а се подготвувал на следниот начин: „земи спиртот та го збркај сос јајцето, та оние нешта ги хчукај като брашно, па ги сипи у ракијата, па ги бркај доде стане каша, па ги сипи на сина крпа, та ги разреди на тенко, па хчукај канелата, та ја посипи одгоре во ракијата па му ја врзи крпата на челото та да седи така 12 сахати“.

Тоа е лекот за главоболка предизвикана од промена на умот.
Освен лекот за ваква главоболка, во истиот лекарственик опишани се и рецепти, односно лекови за оние што имаат дерт, некаква мака на срцето, за заби кога болат, за маасил, за очибол, за жена зошто нема машко дете или ич што не раѓа или нема млеко, за ухо што боли, за сон, за оној што не може да спие, за човек што не може да држи та мочта му се испушта в гаќи, за поулавен човек, за човек од змија што го изела, за очи кога му фатиле перде, за шинато, за скршени коски како да се наместат со усул, за каснат од куче и друго.

ДОКТОР ЗА ЛУЃЕ И ЖИВОТНИ

Сосема невообичаено е тоа што во оваа „стручна“ книга некако заталкал и лек за вол, но и лек за коњ, ако го фати бутур. Интересно е што во овој тевтер, кој веројатно му припаѓал на некој познат лечебник, мајстор за разни болести, освен рецептите за луѓе, има и лекови за животни, па може да се каже дека овој „доктор“ имал две специјализации, или, најверојатно, лекувал се што е живо, без разлика дали е човек или нешто друго.

Многу интересен ракописен лекарственик е оној напишан од свештеникот Јоанаки во 1884-та година. Неговиот прирачник за лекови и за лекување разни болести, содржи околу 100 рецепти напишани на македонски народен јазик. Ракописот беше пронајден во селото Ракотинци, скопско, а сега се чува во Архиепископијата на МПЦ во Скопје. Во лекарственикот се наоѓаат разни рецепти, како на пример, лек за кувет, за болен од стомав, за кашлица, за треска, за настинка или за против дамла. Има точен список на состојки и постапка за тоа како да се направи балсам за секакви болести, за срце и за бодеж, за сафра и жолтица, за заби, кога болат венците, потоа маџун за глас, кога некој не може да пее, лек за студ кога го фати човек по снагата, за секнато течение женско, за ветер ако има човек во срцето, за очи кога штрекаат или се отечени, за очи кога гурелисуваат и мижат, за жена кога нема млеко, за пушка или со нож ако некој се повреди, за страв, кога се уплаши човек од нешто, па се плаши и во сонот, за грло кога го боли човек, и не може да голта, за половината кога го боли, па не може да се исправи и други.

Според рецептите што можат да се прочитаат во ваквите лекарственици, може да се види како македонскиот човек се лечел во минатото, но исто така тие даваат и можност за развој на алтернативната медицина, а особено е важно тоа што се напишани на македонски народен јазик од пред двеста години, што е од огромна важност за проучување на македонскиот јазик и неговите дијалекти. Затоа можеби е добро ваквите рецепти да бидат проучени од стручни лица, затоа што навистина се преполни со богат медицински и фармацевски материјал, кој фрла светлина кон историјата на медицината во Македонија.

ЛЕКАРСТВАТА БИЛЕ БАЗИРАНИ НА БИЛКИ, РАКИЈА И ВИНО

Според изјава на д-р Михајло Георгиевски, кој со години работеше токму во одделот за ретки и ракописни книги во НУБ Св. Климент Охридски, во истражувачка акција за откривање ракописи и старопечатени книги, која била направена пред дваесеттина години, самиот имал можност да го открие засега последниот познат лекарственик од 19-от век во Македонија. Станува збор за ракописна книга откриена во струмичкото село Пиперево, а напишана од учителот Ангел Георгиевич од Лазарополе.

Овој лакарственик, односно ракописна книга со 33 листа е напишан на народен македонски јазик од источното дијалектно подрачје. Насловите се напишани со црвено мастило, а текстот на рецептите со црно. Во овој ракопис постои запис со кој се кажува дека ракописот или како што се вели во текстот „тајните господови“, во храмот „Свети Великомаченик Ѓорѓија“ во 1870-та година ги напишал Ангел Георгиевич од дебарско Лазарополе, учител во селото Пиперево. Сосема на крајот од ракописот, авторот со своја рака има напишано дека се што стои во лекарственикот е вистина и дека за тоа треба да му се оддаде слава на господ.

Во оригиналот таа реченица гласи: „На лекарственикот крај все шо каже истина е знај, и слава вишному воздај“. Овој лекарственик, по откривањето во селото Пиперево, струмичко, беше донесен во Скопје и сега тој се чува во НУБ Св. Климен Охридски. Во него се дадени 88 рецепти за лечење на луѓето од разни болести.

Интересно е тоа што во него има по неколку рецепти за една болест, што значи дека има алтернативи во лекувањето, но најбитно сепак е тоа што се опфатени скоро сите болести што се појавувале кај луѓето во тоа време. Меѓу нив, секако, и болеста која се нарекува „тешка болест“. Исто така, при читање на рецептите, значи без да се навлегува во стручна анализа на нивниот состав, може да се види дека речиси сите целосно се базирани на фармацевска основа, односно лековите се приготвувале од разни билки, корени, плодови, чаеви, семиња, алкохол, вино, ракија, маст, афионски катран, темјан, шеќер, оцет, мед, син камен, сумпор, камфор, јајца, нишадор и слично. И во овој лекарственик се дадени рецепти за истите или слични болести, како и во другите два.

Така, меѓу 88-те рецепти, има и рецепт за лек против лоша кашлица, за лек за дамла, за сафра, за кувет, за лупање на срцето, за каснат од пајак, за настинка во нозете, за човек кога не може да оди по мала нужда, за црната жолтица, за жена кога нема млеко, како што стои во ракописот, потоа за падавица, за уво кога се затне, за бессоница, за рани по главата, за подлутена уста и многу други.

ОПИС НА РЕЦЕПТИТЕ

Според рецептите на лекарственикот, чиј автор е учителот Ангел Георгиевич од Лазарополе, учител во струмичкото село Пиперево во 1870-та година, може да се види составот и постапката за подготвувањето на лековите. Со оглед на тоа што ваквите рецепти, отсекогаш па и денес, повеќе или помалку била добро чувана тајна, лекарственикот на Ангел од Лазарополе веројатно никој не можел да го чита дури тој бил жив. Во најмала рака, веројатно не ја покажувал својата книга на сите туку ја чувал како свој таен прирачник за подготвување на лековите. Освен фармацевската индустрија, која на секаков начин ја штити тајната на своите оригинални лекови, исто го прават и денешните претставници на таканаречената алтернативна медицина, кои тајните на лекот со генерации го чуваат во семејството, и ретко кога некој рецепт излегувал надвор од куќата на народните лечители. Сепак, учителот од Пиперево ги запишал сите лекови во голем тевтер и тие сега се достапни за проучување.

За да се има претстава како се лечеле луѓето пред 140 години, на пример, но и каков бил јазикот на кој се пишувани рацептите, најдобро е да се цитираат неколку лека што ги подготвувал лечителот од Пиперево. Така, на пример, за кашлица, која во тоа време ја викале „тардуха“, според препораката на „докторот“ во лекарственикот, биле потребни „седум лути чушки, седум ореха, па ги спиј хубаво, па ги пресеј като брашно, па земи три смокви, па ги збркај и с'кцај заедно, па ги направи хапове като нахут, та да се гута вутрина, поручек и вечер кога се легне, по три хапа“. Со овој лек се лекувала кашлица. Имало лек и за срце, а тој се правел со босилок, пелин, камилица, лук и нане.

Потоа се земало ока и пол оцет, па сите тревки се ставале внатре и стоеле така три дена. Откако ќе се направел лекот, тој се „дозирал“ по десет капки во ока вино, па се пиело виното дури не оздрави срцето. Исто така имало и многу ефикасен лек за „човек кому му крука коремо како жаба“. Ако имал вакви проблеми со стомакот, болниот требало да го зема лекот направен од 100 драма спирт-ракија, значи многу јака ракија, потоа 100 драма зејтин, жалфија, нане и камилица. Во рецептот се вели: „земи ракијата и зехтино, та ги тури во едно шише, па збркај ги оние шеове заедно, па тури во шише чисто, па давај да пие по два драма доде сврше болештината“.

Еден од лековите кој го правел учителот од Пиперево бил и против болки во вилицата. За тој лек биле потребни еден драм катран и сто драма оцет, кои се ставале на оган за да зовријат, и да вријат дури не остане само 40 драма течност. Откако ќе се излади, таа течност потоа половина час се држи во устата, или како што се вели во ракописот „многупати така да се прави, та да му се затегнат венците на забите“. За кувет, пак, значи против малаксаност, против изнемоштеност, се правел специјален шербет, кој се подготвувал од пет драма канела, пет драма каранфил, еден драм орех, два драма шеќер, а сето тоа се толчело и се варело со една ока вода. Кога ќе се изладело, внатре се ставале 123 драма мед, па се пиело секое утро на гладно срце по еден филџан. Со овој лек се враќала силата, а потоа можеле да се завршат многу работи дома, но и надвор од куќата, во полето.

ЛЕК ЗА СТУД НА ТЕЛОТО

Мошне интересен е лекот „за студ кога го фане телото“, или со денешен речник кажано, кога човек ќе почне да се тресе без причина, сред лето, во горештина. Лекот можел да се направи брзо, затоа што биле потебни само една лубеница и една диња. Еве како Ангел од Лазарополе, учител во струмичкото село Пиперево, во 1870-та година го запишал овој лек во својот таен лечебник: „Земи та испечи една лубеница и една диња во фурната, та им земи водата, та ги в ред по снагата растри, па го завиј да се испоте, те ште му умине“. Така поминувал студот во телото.

Освен студ во телото, и тогаш, на пример, имало луѓе со отечени очи од разни работи, а тоа се лекувало со лек во кој се ставале пет драма грав, средето од една лубеница, потоа пола драм сол и пет лажици жолчка од јајце; дури тоа се подготвувало, дури се варело, на болниот требало да му се избричи главата, да му се измие убаво главата, па дури тогаш смесата се ставала на неа и таму стоела една ноќ; потоа главата се миела со топла вода и проблемот со очите бил решен. Или би требало да биде решен. Доколку лекот не го решавал проблемот со отечени очи, лечителот од Лазарополе, на привремена работа во Пиперево, сигурно ќе го избришел од тевтерот со рецепти.

Всушност, сите рецепти што биле запишани во ваквите лекарственици биле проверени многупати, затоа што се наследувале од луѓе кои претходно имале успех во лекувањето на одредена болест. Оттука, значи, таков би требало да биде и лекот, како што вели Ангел, „за жена де то нема млеко“, значи за жена која има бебе, ама нема млеко за да го надои. За да добие млеко, лекот бил многу едноставен. Се земало семе од копер, и семето да се столчи „хубаво, па го збркај сос мед или сос шеќер, та го јади како маџун на гладно срце по една лажица“. Со овој лек, ако може да му се верува на учителот со медицински талент, жената за неколку дена добивала толку многу млеко што не знаела што да прави со него.

ДИЕТА ЗА ДА ФАТИ ЛЕКОТ

Според д-р Михајло Георгиевски, кој, заедно со други стари ракописи низ Македоанија, го откри и лекарственикот на Ангел Геогриевич од селото Пиперево, меѓу рецептите поважни се секако оние за проблеми со стомакот, или кога на човека ниту му се јаде, ниту му се пие, потоа за срце кога го боли човек па го болат и слабините болат и не може да зборуа, како што пишува во ракописот, или за дерт што има човек на срцето, за паек кога го уапе, та е отекло, за ухо кога се затне или нешто влезе та не може да чуе и други. Рецептот за „ухо кога се затне“, на пример, е многу покомплициран од лекот „кога на човек му се подува мевот како на жаба“. За лекот за уво потребни се „четири ока слез и четири ока вода. Сето тоа се вари за да останат два ока течност, па се цеди, а потоа се ставаат 25 драма бел темјан, и пак се става котлето малку да поврие.

Кога ќе се свари, течноста се сипа во црвена стомна завиткана со тенка крпа, а болниот треба да легне и да го стави увото на устинката од стомната и да стои така дури не истине течноста во стомната; кога ќе истине, треба да се затне увото со памук додека се стопли повторно течноста, а потоа пак треба да легне, и пак да се стави увото на устинката од стомната. Така треба да се прави многупати, да се топли водата и да се лежи на устинката, додека тоа што влегло во увото не умре или ако загноило, загноето да пробие и да истече“. Интересно е тоа што со овој рецепт оди заедно со едно предупредување, односно совет за исхрана додека трае лекувањето. Имено, како дел од рецептот е и предупредувањето дека пациентот „дваесет дена не смее да јаде луто, солено и сланина, и не смее да пие вино“.

МЕЛЕМ ЗА ЉУБОВ

Меѓу рецептите и лековите што заслужуваат посебно внимание, затоа што биле користени за болести кои се поврзани со главата, секако е и лекот за болен кој толку го боли главата „та не може да си ја дига“. За таква страшна главоболка, Ангел од Лазарополе, кога бил учител во Пиперево во 1870-та година, имал лек со голема ефикасност. Се разбира лекот е многу сличен со лековите за таа намена од други лечебници во тоа време. Се разликува само по тоа што се става анасон.

Подготвувањето на лекот навистина било многу сложен процес, меѓутоа ефектот најверојатно ги оправдувал сите напори.

За да се направи лек за таква силна главоболка биле потребни 25 драма стопроцентна ракија, семе од синап, 12 драма к’на, боја за фарбање, потоа три драма анасон, еден драм нишадор, еден орех, три драма канела и две жолчки од јајце: „хчукај ги като брашно, па ги сипи у ракијата, па ги збркај доде стане като каша, па ги сипи на сина крпа, та ги разреди на тенко, па стави ја канелата, па му ја врзи на челото та да седи така 12 саати“, пишува во лечебникот. Потоа дванаесет часа требало да се седи со врзано чело за да помине болката од која болниот не можел дури ни да ја дига главата. И болката, како што се вели во ракописот, исчезнувала како со рака однесена.

Освен ваквите физички болки, кои се лекувале со едноставни, но и со покомплицирани лекарства и постапки за подготвување, имало и рецепти за душевни болки, односно за болести поврзани со душата, со дертот во срцето, со несоницата и слично.

Лекот за човек кој не го фаќа сон со месеци бил поврзан со афион, каранфил и уште две-три други, егзотични тревки, кои можеле да се набават само во Стамбол. Рецептот за овој лек се подговувал така што сите состојки се ставале во сто драма „хубава ракија“ и потоа му се давало на болниот по еден филџан, а „ако не му се преспие, ти дај му - се вели во ракописот - уште половина филџан од лекот и по него еден филџан вода и ќе му се преспие“, пишува на убав, народен македонски јазик.

Според она што е сочувано, меѓу ваквите лекарственици најмногубројни биле оние од Лазараполе. И во самото Лазарополе бил пронајден лечебник со 56 рецепти за лечење на разни болести. И тој потекнува од 19-от век, и е напишан на народен македонски јазик. Друг лекарственик со мијачки дијалект е најден во Реканскиот крај. Тој има 70 рецепти, меѓу кои има и рецепт за лек за „жена што не лјубит мажа си“, лек против „раѓање деца недоносени“, за „некој ако нема жед“, потоа „мевлем за ќелав“ со кој за три недели пораснувала коса што може да се плете во плетенки, како и универзален лек за „ако не лубит мош жена или жена можа“, потоа лек за „све зло во серцето“, како и лек за оној „кому му е запрена душата во градите“.

Сите тие лекови се премногу комплицирани за да се објаснат во еден ваков текст за старите лекарственици, односно книги со рецепти за лекови со кои се лекувал нашиот народ пред два века. За „душата запрена во градите“ и за „мош ако не лубит жена или жена можа“, во некоја друга пригода.

текстот е преземен од МИА

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »